Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот.

Тип Б инфекциите обично се јавуваат во поблага форма и затоа почесто се докажуваат кај помалите епидемии. Наспроти тоа, тип А вирусите на грип почесто даваат тешки форми на заболување и се одговорни за високата оптовареност во тек на сезоната на грип.

Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Познато е дека некои од вирусите на грип развиваат резистенција на одредени антивирални лекови, ограничувајќи ја на тој начин ефикасноста на лекувањето. Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.

Општите мерки за заштита од грип се мерки кои се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период:

  • Да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе (голема густина на престој), особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура!
  • Често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство!
  • Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат!
  • Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи!
  • Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.
  • Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (грејпфрут, лимони, портокали, пиперка). Доколку не се располага секогаш со свежи прехрамбени продукти, може да се користат и природни препарати кои делуваат како зајакнувачи на отпорноста т.е. имунитетот.
  • Да се користат благодетите на билките и други супстанции кои се познати како природни антибиотици и антивиротици во народната медицина (ѓумбир, диво оригано, грејпрфут, црно семе, лук, салеп, анасон итн).
  • Практикувајте здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте ја физичката и психичката активност, намалете го стресот. Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и заболувањата слични на грип.